Ракометарите на Вардар, по победата над Барселона во Лигата на шампионите се подготвуваат за нов предизвик во СЕХА Лигата. Во вторник, во Скопје ќе им гостува ППД Загреб.
Македонскиот и хрватскиот шампион веќе одиграа еден дуел од почетокот на сезоната, во Лигата на шампионите, европскиот првак славеше убедливо, со 28:21.
„На нашиот претходен дуел двете екипи играа натпревар со висок интензитет во Лигата на шампионите. Ако се сеќавате, ние немавме добар почеток, и тие водеа со 3-4 гола. Можеби ние повторно сме фаворити за победа, но тоа мораме да го потврдиме на теренот. Треба да бидеме добро подготвени, а имаме и проблеми со некои повредени играчи. Знаеме дека ова ќе биде навистина тежок натпревар“, изјави во пресрет на натпреварот Раул Гонзалес, тренерот на Вардар.
Загреб само еднаш низ историјата успеал да го победи Вардар во Скопје, кога во второто издание на СЕХА лигата славеше во финалето. Поради традицијата, но и поради квалитетот и искуството, Вардар е фаворит на овој натпревар. Треба да играме со противник што ни е многу добро познат.
„Нашиот претходен дуел сезонава беше пред неколку седмици. Знаеме дека ја имаме фаворитската улога, што значи дека мораме да победуваме на сите натпревари пред домашна публика. Знаеме дека тоа нема да биде лесно, но тоа е наша обврска и верувам дека можеме да ја исполниме“, рече капитенот на тимот, Стојанче Стоилов.
Средбата меѓу Вардар и ППД Загреб се игра утре со почеток во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански”.