Холандија ќе се бори за златниот медал на Светското првенство во ракомет. Холанѓанките по голема борба во првото полу-финале ја совладаа фаворизираната Русија со 33:32.
Холандија, во Кумамото, победи со голот на Ван дер Хејден постигнат на 15 секунди до крајот на натпреварот. Русија во најлош момент го забележа првиот пораз на првенството.
Колку мечот во целиот свој тек беше неизвесен и драматичен говори и податокот дека ниту една од репрезентациите немаше предност поголема од два гола. Речиси во текот на целиот натпревар се играше „гол за гол“.
Најефикасни кај Холанѓанките беа Абинг и Полман со по осум, односно Дуфлер со пет гола. На Русинките не и помогна ниту брилијантната партија на Вјакирева која постигна 11 гола.
Холандија во финалето, во недела, ќе игра против подобрата репрезентација од пресметката помеѓу Норвешка и Шпанија.