Top Sport

Шпанците со „шок-терапија“ од пет минути ни ги уништија сите надежи за победа

Шпанија и по третпат на големите натпреварувања беше подобра од Македонија, откако со фуриозни три минути во второто полувреме во кои направија 5:0 низа го „уништија“ тоа што македонските ракометари го градеа цело прво полувреме за на крај да загубиме со високи 32:21.

Сепак, поразот и така беше очекуван, така што утре од 18 часот не очекува големата директна пресметка со Исланд за освојување на третото место во групата Б и пласман во наредната фаза. Во тие 60 минути, ќе мора да се избегнат грешките од стартот на второто полувреме против Шпанија, бидејќи само победа против „рибарите“ не носи понатаму.

Во првото полувреме, тргнавме да се „надигруваме“ со силната шпанска репрезентација, и имавме фантастичен старт на мечот (5:2), пред тие да се вратат и да отидат на пауза со еден гол разлика (12:13).

Меѓутоа, стартот на второто полувреме ни ги урна сите илузии дека можеме да се надигруваме со Шпанците, откако тие ги искористија неколкуте грешки во нашата игра, за со низа од 5:0 да го решат мечот. Разликата од шест гола беше преголема, по што селекторот Раул Гонзалес во остатокот на мечот реши да им даде шанса и на помладите ракометари.

Жарко Пешевски со шест гола беше најефикасен во македонската репрезентација, капитенот Кирил Лазаров постигна пет гола, додека Филип Кузмановски додаде четири. Кај Шпанците, Гомез имаше шест, а Ентрериос пет.

Фото: ЕПА

СП ГЕРМАНИЈА/ДАНСКА, 4.КОЛО

ГРУПА Б

Јапонија – Исланд 21:25 (12:13)

Хрватска – Бахреин 32:20 (19:9)

МАКЕДОНИЈА – Шпанија  21:32 (12:13)

Табела: 1.Шпанија 8, 2.Хрватска 8, 3.Исланд 4, 4.Македонија 4, 5.Јапонија 0, 6.Бахреин 0

Последно коло (утре): Бахреин-Јапонија 15.30, Македонија-Исланд 18.00, Хрватска-Шпанија 20.30

ГРУПА Д

Ангола – Аргентина 26:33 (12:17)

Унгарија – Египет 30:30 (14:14)

Катар – Шведска 22:23 (10:11)

Табела: 1.Шведска 8, 2.Унгарија 6, 3.Аргентина 3, 4.Египет 3, 5.Катар 2, 6.Ангола 2

Последно коло (утре): Египет-Ангола 15.30, Катар-Аргентина 18.00, Шведска-Унгарија 20.30

Scroll to Top