Ракометната репрезентација на Македонија, загуби со 33:28 (19:12) во пријателскиот меч со Словенија во Словењ Градец, во еден од последните подготвителни натпревари пред Европското првенство.
Селекцијата на Данило Брестовац претходно играше пријателски натпревари со Кувајт (една победа и еден пораз) и победи на Трофеј Карпати со триумф над домаќинот Романија со „проширен“ состав, но тестот против силните Словенци беше прв голем меч.
По првите десетина минути во кои игравме израмнето со домаќинот, Словенија направи голема разлика од седум гола на полувреме (19:12), од која беше тешко да се вратиме во подоброто второ полувреме. Капитенот Кирил Лазаров воопшто не влезе во игра, додека од поискусните ракометари шанса добија Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и Борко Ристовски на голот. Манасков со пет гола беше најефикасен за македонската репрезентација.
Сега следува уште еден подготвителен меч, против Црна Гора, пред што на 10 јануари ги започнуваме настапите на Европското првенство против Украина.