Словачкиот Татран Прешов не направи пропуст и лесно со 30:20 (16:11) го совлада Металург во последниот домашен меч од СЕХА лигата за да ги заддржи надежите за пласман на Фајнал фор турнирот на регионалното натпреварување.
Прешов останува на петтото место во лигата со еден поен помалку од четвртопласираниот Мешков Брест и во последното коло гостуваат кај ППД Загреб каде што мораат да победат и да се надеваат дека Нексе ќе го совлада Мешков за пласман на Ф4. Вардар, Загреб и Нексе се сигурни во завршниот турнир.
Против Металург, домашниот тим влезе мотивирано и по стартното водство на Металург (0:1) ја презеде контролата на играта, правејќи пет гола разлика на полувреме (16:11). Разликата се оддржуваше и во второто полувреме, за на крај домашниот тим да се одмазди за поразот во Скопје (30:28) претходно оваа сезона.
Јакуб Хрстка беше најефикасен за Татран со седум голови, додека по пет имаа Урбан и Буторац, додека кај македонскиот клуб, Анте Токиќ и Димитар Димитриоски постигнаа по четири гола.
Фото: СЕХА лига