По паузата поради настапите на репрезентациите, во квалификациите за пласман на Европското првенство, викендов со натпреварите од шестото коло, продолжува Лигата на шампиони во ракомет.
Ракометарите на Вардар во оваа и наредната рунда ќе играат на домашен терен. В сабота во „Јане Сандански“ ќе пристигне белорускиот шампион Мешков Брест.
Овие два тима играа во вторникот, во рамките на СЕХА лигата, но конечниот резултат е далеку од реалната состојба бидејќи Вардар и Мешков настапија со вторите тимови.
Скопската публика на овој меч за прв пат ќе има можност да го види последното засилување на Вардар, Германецот Кристијан Дисингер. Црвено-црните нема да бидат комплетни бидејќи поради суспензија од ЕХФ, мечот ќе го пропушти црногорскиот бомбардер, Вуко Борозан.
„Се обидуваме да го подготвиме тимот бидејќи е тешко поради тоа што играчите беа со своите репрезентации и немавме воопшто заеднички тренинзи. Ова е тежок и важен меч и ни треба победа. Мешков е добар тим, играат силна одбрана и агресивно. Нема да биде лесно, а ние се обидуваме да се подготвиме најдобро што можеме и да ги освоиме бодовите, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар.
Свесни се вардарци дека ќе биде тешко, а со Мешков добро се познаваат поради фактот што повеќе сезони играат меѓу себе во СЕХА лигата.
„Сме играле многу пати. Имаат нов тренер што покажува деке нешто е сменето. Покажаа дека имаат квалитет. Ние треба да покажеме дека сме фаворити. Имавме проблеми во тимот, повредени па сега и некоја суспензија. Но, тоа е тоа, нема оправдување и мора да се оди на победа, вели капитенот Стојанче Стоилов.
Пресметката во Скопје ќе започне во 17:30 часот.