Вардар имаше лошо прво полувреме, но успеа и по вторпат да ја совлада Војводина, овојпат со 32:26 за да се пласира на Фајнал фор турнирот на регионалната СЕХА лига, приклучувајќи им се на Еурофарм Пелистер, кои со две победи го елиминираа Татран Прешов, на завршниот турнир.
Во другите две четврт-финалиња, хрватските ривали ППД Загреб и Нексе уште го немаат одиграно ниту првиот меч, додека Партизан го доби првиот меч против јуниорите на Веспрем со 39:24.
Иако Вардар имаше огромна предност од 13 гола (38:25) од првиот меч, почетокот на дуелот во Нови Сад беше кошмарен за „црвено-црните“. Војводина поведе со 6:1 по осум минути игра, а на полувреме имаа 15:11 водство. Сепак, потоа, Вардар ја врати рамнотежата и до крајот на мечот стигна до убедлива победа.
Гоце Георгиевски со 10 гола и Јан Чувара со седум гола беа најдобри за „црвено-црните“, додека за Војводина, Симо Шијан уфрли 9 гола.
Фото: СЕХА лига