Top Sport

Вардар ја потврди доминацијата во СЕХА лигата

Ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во регионалната СЕХА лига. Завршниот турнир од петокот до неделата се одигра во СЦ „јане Сандански“ во Скопје, а Вардар во финалето го победи ППД Загреб 26:24 (14:13).

Вардар ја оправда фаворитската улога на завршниот турнир иако во финалето Загреб успеа да му пружи отпор на актуелниот шампион. Црвено-црните победата во финалето ја обезбедија во завршните 10 минути од натпреварот.

Првата половина од првото полувреме целосно му припадна на Вардар, чии ракометари со цврста игра во одбраната имаа предност од три, а потоа и четири гола (6:3, 7:4, 8:4).

Загреб, најпрвин успеа да ја стабилизира својата игра, да го фати вистинскиот ритам во нападот, а до крајот на првиот дел и да се доближи на гол негатива (14:13).

Вардар го постигна првиот гол во второто полувреме, а потоа Загреб возврати со два гола за 15:15, во 33.минута. Потоа следуваше израмнета игра од двете страни, во која доминираа дефанзивните формации, се играше гол за гол се до 49.минута кога ракометарите на Вардар направија серија 3:0, се одлепија на разлика од четири гола (24:20) и го решија прашањето на победникот.

Вардар го предводеа Циндриќ и Кристопанс со по пет гола, додека Загреб во името на Хорват го имаше најефикасниот играч на мечот. Капитенот на Загреб постигна осум гола.

Црвено-црните ја освоија четвртата титула во СЕХА лигата, во сезоната во која поставија апсолутен рекорд во регионалното натпреварување. Вардар во регуларниот дел забележа 17 победи, а еден меч одигра нерешено.

Исто така, Вардар му се реваншираше на Загреб за поразот во финалето на СЕХА лигата во 2013 година, кога играчите на хрватскиот првак ја освоија единствената титула во регионалната конкуренција.

Третото место го освои дебитантот на завршните турнири, Целје. Екипата од Словенија во „малото финале“ го победи Мешков Брест 31:28.

фото: seha-liga.com

Scroll to Top