Top Sport

Вардар ќе оди на уште една победа против Загреб

Ракометарите на Вардар, в сабота, треба да го потврдат пласманот во четврт-финалето во Лигата на шампионите. Беспрекорните 60 минути што ги одиграа во Загреб го направија реваншот во Скопје формалност. Вардар во Загреб славеше победа 27:18.

Иако резултатот тоа им го овозможува, тренерот Гарсија Парондо, нема да дозволи неговите играчи да се опуштат, бара од нив максимално да му пристапат на овој дуел. Дуелот ќе биде добра подготовка за настапот на Вардар на завршниот турнир во СЕХА лигата.

„Имаме одличен резултат од првиот меч во Загреб. Сепак, не смееме да се опуштаме. Никако не смееме да заборавиме дека Загреб е одлична екипа. Мораме да продолжиме во наш стил и да го одиграме сериозно овој натпревар. Мораме на најдобар можен начин да одработиме и на реваншот и така да се пласираме понатаму. Ќе се обидеме на реваншот да одиграат што повеќе ракометари, па на тој начин играчите да добијат поголема самодоверба за следниот натпревар”, изјави тренерот на Вардар.

Вардар е свесен дека е фаворит, но капитенот Стојанче Стоилов најавува дека нема да го потценат ривалот.

„Имаме одличен резултат од Загреб и реално е да мислиме дека ја имаме завршено работата. Загреб е квалитетна екипа, но сигурно нема да дојдат тука предадени и ќе се борат да го обелат образот по лошото издание. Важно е за нас да одиграме како што знаеме уште еден добар натпревар, смета Стојанче Стоилов, капитенот на екипата.

Натпреварот в сабота ќе започне во 19.30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

foto/rkvardar.mk

Scroll to Top