Ученикот за малку ќе беше подобар од учителот. Роберто Гарсија Парондо на клупата на Вардар не успеа да ги донесе „црвено-црните“ до победа над Пари Сен-Жермен, предводен од неговиот ментор и поранешен прв човек на Вардар, Раул Гонзалез по 33:33 во драматична завршница на „Еуротурноа“ турнирот во Стразбур.
Во реприза на мечот за третото место на Фајнал фор од Лигата на шампионите, во Келн, Вардар со сосема различен тим од минатата сезона, успеа да наметне одлично темпо во првото полувреме (кое го доби со 20:14), за потоа во второто да го падне во играта, и да дозволи ПСЖ да израмни на 31:31.
Во последните минути, Вардар промаши пенал за водство, а ПСЖ поведе со 33:32 преку Карабатиќ, пред во последните секунди да стигне израмнувањето.
Сенка на натпреварот фрли повредата на капитенот Стојанче Стоилов, кој во дуел со Лука Карабатиќ во првото полувреме ја повреди дланката, откако противникот падна на него. Останува да се види дали се работи за посериозна повреда и дали тој ќе може да настапи на вториот меч од турнирот против Мешков (18.15).