Top Sport

Вардар оди на хет-трик во СЕХА лигата

Ракометарите на Вардар денеска ја започнуваат одбраната на титулата во регионалната СЕХА лига. Завршниот турнир се игра во Белорусија, на теренот на Мешков Брест. Покрај македонскиот и белорускиот првак, на завршниот турнир ќе играат и хрватските тимови ППД Загреб и Нексе.

Вардар е најдоминантниот тим од основањето на СЕХА лигата, во претходните седум завршни турнири „црвено-црните“ освоија четири титули. Вардар победи на премиерата во сезоната 2011/2012, потоа во 2013/2014 и во последните две сезони 2016/2017 и 2017/2018.

Покрај Вардар лигата досега ја освојувале Загреб и два пати Веспрем.

Противник на Вардар во полу-финалето ќе биде Мешков Брест, натпреварот ќе започне во 19 часот. Претходно од 16:30 Загреб и Нексе ќе играат во првото полу-финале.

„Против Загреб победивме убедливо таму, па можевме да си дозволиме поголема ротација во Скопје. Можеби не игравме добро како таму, но ќе бидеме подготвени за нов натпревар, иако немавме многу време за тренинзи. Брест е многу добра екипа, особено се силни на домашен терен и играат со ист интензитет цел натпревар, па ќе ни биде многу тешко против нив, но сакаме место во финале, вели Роберто Парондо тренерот на Вардар.

Според Парондо токму играњето во континуитет сите 60 минути треба да биде клучот на успехот.

„Ако ние играме како што треба, имаме шанси за победа, но и Брест посакува исто. Против Брест треба да играме одлично цели 60 минути, не може да славиме само со едно добро полувреме. И тие посакуваат победа, па ќе биде интересен натпревар”, вели Парондо.

Во истите термини, утре на 3 април, ќе се одигра мечот за третото мести и финалето.

фото/rkvardar

Scroll to Top