Ракометарите на Вардар ја продолжија победничката серија од почетокот на сезоната. Во третиот меч во Лигата на шампионите тие ја запишаа третата победа. Вардар победи на „жешкиот“ терен во Веспрем 27:25. Одново на голот на Вардар блескаше Дејан Милосављев со 12 одбрани, додека нападот го предводеа Тимур Дибиров со шест и Вуко Борозан со пет гола. Кај Веспрем македонскиот репрезентативец Дејан Манасков постигна три гола.
Откако во првото коло го срушија европскиот првак и тоа во Монпеље, Вардар забележа уште едн голема победа и тоа на теренот на Веспрем.
Екипата на Гарсија Парондо доминираше во првите 20 минути од натпреварот кога создаде предност од пет гола (6:11 и 7:12), меѓутоа Веспрем во последните осум минути успеа да се врати во мечот и на полувреме се замина со резултат 13:11 за Вардар.
Првата третина од вториот дел беше најлошиот период во играта на Вардар. Веспрем успеа да ја стигне и престигне предноста на противникот (16:14). Црвено-црните бргу фатија приклучок израмнија на 16:16 и гол за гол се играше до резултат 19:19.
Веспрем потоа успеа да се одвои на два гола (21:19), по што следуваше молскавичен одговор на Вардар. Серија од три гола за водство 21:22. Предноста Вардар повеќе не ја испушти.
Во последните три минути Мораеш со два гола го обезбеди триумфот, кој го запечати Криштопанс.
Во наредната рунда, Вардар во Скопје, ќе го пречека Рајн Некар.