Еурофарм Пелистер загуби и вторпат од белорускиот шампион Мешков Брест, овојпат со 35:31, за пласман на Ф4 турнирот на СЕХА лигата во Задар да остане само сон.
„Зелените“ и пред реваншот имаа малку шанси да направат сензација во Белорусија, бидејќи во Битола загубија со 31:27, и Мешков лесно се пласираше по осми пат во Ф4 турнирот бркајќи ја првата титула во натпреварувањето.
Мешков уште во првото полувреме направи предност од четири гола (18:14), и иако тимот на Жељко Бабиќ играше подобро второ полувреме, на крајот беше невозможно да се направи подвиг. Стипе Мандалиниќ и Немања Обрадовиќ постигнаа по пет гола за Пелистер, додека за домаќините најефикасен беше Микита Ваилупау со дури 11 постигнати гола.