Словенечкиот селектор, легендарниот Веселин Вујовиќ смета дека неговиот поранешен клуб Вардар ќе ја одбрани титулата во Лигата на шампионите и покрај тоа што француската лига е најсилна на светот.
Во интервју за босанскохерцеговскиот портал „Спортспорт.ба“, Црногорецот смета дека треба да очекуваме финале Вардар-ПСЖ, и дека македонскиот шампион ќе ја освои титулата, по што регионот ќе се начека пред да добие друг клуб на Фајнал фор.
„Мислам дека поради тоа што Вардар го покажа може да биде еден од ретките тимови кои ја одбраниле титулата. Тоа е екстремно тежок подвиг. Натпреварувањето е напорно, долго трае. Вардар има предност што игра против Монпелје, кој пред неколку дена загуби од Сан Рафаел во француската лига. Мислам дека психолошката предност е кај Вардар. ПСЖ е фаворит против Нант, така што тоа ќе биде финалето. Вардар ќе победи бидејќи лани беа шампиони а беа аутсајдери“, вели Вујовиќ.
Вардар на крајот на сезоната останува без својот тренер Раул Гонзалес и без неколку клучни играчи, но Вујовиќ не смета дека тоа е мотив повеќе за ракометарите.
„Не сум сигурен во тоа, бидејќи тоа не може да биде мотивација, како што се виде со женскиот клуб на Вардар. Поголема мотивација би била да остануваат и следната сезона и да веруваат во проектот. Мене ми е најинтересно што Раул Гонзалес и Давид Дејвис си заминаа кога добија повеќе пари. Тоа не ми се допаѓа, но пазарот е таков“, објаснува Вујовиќ.
Околу регионалниот ракомет, Вујовиќ нема најдобри прогнози.
„Мислам дека Вардар ќе биде доминантен уште една сезона и потоа Сергеј Самсоненко ќе направи нешто слично како со женската екипа. Кога ќе се случи тогаш, ќе се начекаме да игра некој на Фајнал фор. Загреб и Целје имаат силни екипи, но далеку од најсериозните европски клубови“, додава Црногорецот.