Хрватска ќе биде без еден од клучните ракометари, Мануел Штрлек, на Европското првенство, потврдија селекторот Лино Червар и потпретседателот на Хрватскиот ракометен сојуз, Зоран Гобац.
„Кога не си задоволен со статусот, а не зборувам само за Мануел, ако не си дел од тимот, тогаш нема да бидеш тука. Нема ракометарите да ни одредуваат кој ќе биде селектор и кој ќе игра. Тоа не го прават во Кјелце, во Веспрем, нема да го прават и тука. Во репрезентацијата имаше и поголеми имиња од Мануел, но на еден Иван Балиќ и Изток Пуц немаше да им падне на памет таква идеја“, изјави Гобац.
Гобац исто така посочи дека отсега за Штрлек нема место во репрезентацијата.
„Кој и да биде селектор по Лино Червар, нема враќање за Мануел, бидејќи тој избра пат без враќање. Тој нема да игра за Хрватска. Целта е да се пласираме на Олимпијадата, а со малку среќа можеме и до медал. Ракометарите мораат да бидат свесни дека репрезентацијата е пред клубовите каде што играат за пари“, додава Гобац.
Хрватска е во групата А на Евро 2020 со Црна Гора, Белорусија и Србија.
ХРВАТСКА НА ЕВРО 2020
Марин Шего (Монпелје), Матеј Ашанин (ППД Загреб), Златко Хорват (ППД Загреб), Владо Матановиќ (Горење), Давид Мандиќ (ППД Загреб), Жељко Муса (Магдебург), Марино Мариќ (Мелзунген), Марин Шипиќ (ППД Загреб), Домагој Дувњак (Кил), Марко Мамиќ (Лајпциг), Јосип Шарац (Целје), Матеј Хрстиќ (ППД Загреб), Лука Циндриќ (Барселона), Игор Карачиќ (Кјелце), Лука Степанчиќ (Пик Сегед).