Top Sport

Германска машина! Крос донесе победа во 95. минута! (видео)

Од СП во 2002 година, актуелниот светски шампион испаѓа во натпреварите по групи, но Германија ќе се обиде да ја избегне таа ситуација, откако во 95. минута се спасија за 2:1 победа над Шведска и сега сами си ја кројат својата судбина за пласман во осминафиналето.

Швеѓаните во текот на 94 минути имаа позитивен резултат за пласмасн во осминафиналето, меѓутоа, Германците, како и неброено пати во минатото, покажаа дека фудбал се игра до последните минути, откако Тони Крос ги „спаси“ со прекрасен гол од слободен удар во 95. минута од мечот.

Сега, по комплетното второ коло, Мексико има шест поени на врвот, Шведска и Германија имаат по три поени, а „отпишаната“ Јужна Кореја нема поени. Во последното коло, „маншафт“ игра со Кореја, додека Шведска ќе мора да оди на победа над Мексико.

Германците почнаа силно со постојан притисок на голот на Шведска, и веќе во третата минута имаа одлична шанса преку Дракслер, кој го погодува само Олсен. Веднаш потоа Јонас Хектор повторно беше во шанса, а во деветтата минута, Кимих го наоѓа Ројс, кој ја враќа топката во петерецот пред Виктор Линделоф да ја „исчисти“ ситуацијата.

Швеѓаните во 13-тата минута бараа пенал, откако Берг беше соборен од Боатенг. Судијата Марчинијак реши дека нема потреба да се консултира со ВАР.

Шведска, конечно, почна да се ослободува од притисокот по 20 минути игра (во кои поседот на топка беше 85-15 за Германија), и во 32. минута стигна казната. Крос ја загуби топката на центарот на теренот, Клаесен уфрли во средината, а Ола Тоивонен го совлада Нојер за „молк“ кај германските навивачи. Со овој резултат Германија и теоретски беше елиминирана.

Дека Швеѓаните не се шегуваа, најдобро покажува тоа што до крајот на полувремето имаа уште две шанси, прво преку контранападот на Клаесон во 44. минута, а потоа во 47. минута Берг со глава за малку ќе го совладаше Нојер.

Второто полувреме Германците го почнаа уште пофуриозно и веќе во 48. минута израмнуваат откако на уфрлената топка на Вернер, Марко Ројс, човекот кој се намачи со повредите во кариерата, го постигнува својот прв гол на Светските првенства.

„Маншафт“ постојано беше во напад – прво во 56. минута преку Хектор (кој шутираше во голманот), потоа во 57. минута, кога Гомез беше во изгледна ситуација, за во 61. минута Ројс да се обиде со пета.

Поголемиот дел од првите половина час од второто полувреме се играше пред голот на Шведска, и „викинзите“ успеаја да го издржат притисокот. Ситуацијата се смени во 81. минута, кога Германија остана со играч помалку, откако Џером Боатенг доби втор жолт картон за само 10 минути, по фаулот над Берг.

И покрај ова, Германија повторно беше во напад, и во 88. минута, Марио Гомез имаше совршена шанса за гол, но Олсон го брани неговиот удар под пречката. Јулијан Бранд во 91. минута за малку ќе беше спасител на својата репрезентација, но неговиот пеколен удар заврши само во дирекот!

Кога се мислеше дека мечот е завршен, ѕвездата на Реал Мадрид, Тони Крос изведе фантастичен слободен удар во 95. минута за да донесе значајна победа за Германците.

Фото: ЕПА

Scroll to Top