Хуан Квадрадо ги задржа надежите на Јувентус дека наредната сезона ќе играат во Лигата на шампионите. Јувентус, во дербиот на претпоследното коло, забележа победа над шампионот Интер со 3:2 (2:1). Покрај Квадрадо, дуелот го обележа и контроверзното судење на Џанпаоло Калварезе, кој покажа два црвени картони и досуди три пенали.
Јувентус ја исполни својата задача, со тешка мака го победи Интер и сега ќе ги чека резултатите на Милан и Наполи. „Старата дама“ победи иако од 55. минута играше без исклучениот Бентакур.
Роналдо во 24.минута не искористи пенал, Хандановиќ го одбрани неговиот удар, но одбиената топка Португалецот ја врати во голот. Десет минути подоцна пенал доби Интер, а Лукаку го израмни резултатот. На истекот на првото полувреме, бомбата што ја испрати Квадрадо заврши зад грбот на Хандановиќ.
По исклучувањето на Бентакур во 55.минута, Интер ја контролираа играта, напаѓаа, Весино во 80.минута промаши „мртва шанса“, а две минути подоцна Кјелни израмни со авто-гол.
Шест минути подоцна Калварезе досуди уште еден пенал за Јувентус, кој во гол го претвори Квадрадо.