Хуниор Фирпо, новото засилување на Барселона, се најде во незавидна положба да мора да ги брани своите претходни изјави, откако се појавија негови преписки на Твитер во кои тој се фалел дека „ќе му ги скрши двете нозе“ на Лионел Меси.
Барселона потпиша договор со 22-годишниот дефанзивец роден во Доминиканската Република за 30 милиони евра и сега Фирпо го чека незгодна средба со капитенот Меси. Сепак, не може многу да му се замери на шпанскиот репрезентативец до 21 година, бидејќи се работи за пораки пратени во 2012, кога тој имаше само 15 години.
Според „Диарио АС“, Фирпо се фалел дека „може да му ги скрши двете нозе на Меси со еден удар“, а исто така го нарекува „кучкин син“. Во уште една ваква детска порака стои: „Не ми е грижа ако тој посран стаорец Меси се повреди. Се надевам дека ќе умре и ќе престане да дава голови“.
Фирпо се извини за твитовите, велејќи дека се работи за „детска работа“.
„Во тоа време, мојот најдобар пријател беше од Барса и беше голем фан на Меси, бидејќи Лео е најдобриот на светот. И затоа сакав да му кажувам грди работи за Меси на Твитер. Тоа е само детска работа. Во тоа време имаше и грди твитови за некоја смешна Хулија, која сега е моја сопруга и мајка на мојата ќерка. Кога имаш 15 години и никој не те познава мислиш дека можеш да кажеш сè. Се извинувам без проблем“, вели Фирпо.