Агентот на Филипе Кутињо денеска бил во просториите на Барселона за да се договорат условите под кои Бразилецот ќе замине од „Ноу Камп“ по нецели две години во Каталонија.
Агентот Џулијано Бертолучи пристигнал во Барселона во средата, откако претходно бил во Франција каде што разговарал со претставниците за Пари Сен-Жермен, каде што најверојатно ќе заврши Кутињо доколку се договори враќањето на Нејмар во тимот. Покрај овој договор, за Кутињо се заинтересирани и Баерн Минхен, кои би го позајмиле Бразилецот со опција да го откупат.
Од друга страна, Барселона прати цела делегација во Франција, предводена од техничкиот менаџер Ерик Абидал за да се договори трансферот на Нејмар, кој би чинел околу 100 милиони евра плус Кутињо.
Кутињо е еден од фудбалерите кои најмногу заработуваат во Барселона, а со доаѓањето на Антоан Гризман, клубот е очаен да направи „простор“ во тимот, посебно бидејќи за Кутињо нема редовно место во тимот. 27-годишниот Кутињо дојде во Барселона во јануари 2018 за 142 милиони фунти, што беше третиот најскап трансфер во историјата, по тие на Нејмар и Килијан Мбапе во Пари Сен-Жермен.