Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас вечерва дебитираше за Наполи во спектакуларниот меч што го одиграа Фиорентина и Наполи на „Артемио Франки“. Елмас ги одигра последните 20 минути во победата на Наполи 4-3.
Спектаклот го најави Пулгар во деветтата минута од пенал. Наполи во финишот на првиот дел направија целосен пресврт. Мертенс во 38 минута постигна убав гол, а пет минути подоцна меѓу стрелците се запиша и Инсиње откако мирно го реализираше пеналот.
На самиот почеток на второто полувреме, во 52 минута, Миленковиќ го натскока Кулибали и израмни на 2-2.
Овој резултат беше активен само три минути, кога Калјехон постигна гол за Наполи.
Кевин-Принс Боатенг дебитираше за Фиорентина со гол. Играчот кој имаше неславна епизода во Барселона, израмни на 3-3 со спектакуларен гол.
Сепак само три минути подоцна Инсиње ја заврши брилијантната акција на Мертенс и Калјехон и го постави конечниот резултат.