Поранешниот италијански репрезентативец, Паоло ди Канио влезе во остар напад на аргентинскиот напаѓач Мауро Икарди по неговиот трансфер од Интер во Пари Сен-Жермен, нарекувајќи го „недисциплиниран“ и додавајќи дека тој „е неспособен да направи ништо што модерен напаѓач треба да го прави“.
Икарди по цело лето шпекулации во последниот ден од преодниот рок потпиша за ПСЖ по нарушувањето на односите во Интер, кои во февруари му ја одземаа капитенската лента. ПСЖ имаат опција да му го откупат договорот за 70 милиони евра и Ди Канио вели дека тој е „совршен“ за таков клуб.
„Зошто еден Анчелоти во Наполи сакаше таков фудбалер, кој не е способен да се извини на своите соиграчи за зборовите на неговата жена не ми е јасно. На Карло му е потребен напаѓач со фантазија како Дрис Мертенс. Икарди дава голови само кога ќе му наиде топката пред него. За друго, тој е неспособен да ги прави работите како модерен напаѓач. Тој во ПСЖ? Не е чудно, бидејќи францускиот клуб е совршен за недисциплинирани фудбалери“, вели Ди Канио за „Ил матино“.