Поранешниот фудбалер на Баерн Минхен и Шалке, Олаф Тон смета дека Барселона во моментов се само „просечен“ тим и додава дека Борусија Дортмунд е јасен фаворит во пресметката од Лигата на шампионите на „Сигнал Идуна парк“ во вторник навечер.
Двата тима немаа совршен старт на сезоната – Барселона е на петтото место во Ла лига со две победи во четири меча, додека Дортмунд загубија со 3:1 од Унион Берлин, пред да се вратат со 4:0 победа над Баер Леверкузен овој викенд.
Тон, кој ја освои светската титула со Германија во 1990 година, е сигурен дека Дортмунд ќе слави.
„Борусија Дортмунд имаат огромен предизвик пред Лигата на шампионите, но јасно е дека се чисти фаворити против Барселона. Да, тие победија со 5:2 против Валенсија без Лионел Меси, но во моментов се просечен тим. Уште немаат идентитет и ова е голема шанса за Дортмунд да стигнат до победа“, вели 53-годишниот Тон во колумната за „Кикер“.