Тренерот на Интер, Лучано Спалети вели дека му е срам да се споредува со Жозе Мурињо, кого фановите на „нераѕурите“ сè уште го сметаат за „магионичар“.
Интер е на првото место во Серија А и немаат пораз откако Спалети дојде како главен тренер, по што дојдоа споредбите со Мурињо, кој ја донесе славната тројна титула на „Сан Сиро“ во сезоната 2009/10.
„Споредбите со Мурињо ме засрамуваат. Мора да сопрете со тоа, бидејќи ќе морам да зборувам за нашите разлики – јас сум тука два дена, а тој влезе во историјата со Интер. Не можам да дојдам ниту блиску, затоа направете ми услуга и не ме поставувајте во негово друштво. И Мурињо го знае тоа“, изјави Спалети.
Сепак, 58-годишниот поранешен тренер на Рома, е горд со работата која ја направи со Интер.
„Ќе ја бранам работата на мојот тим. Кога гледате отстрана е поинаку, но кога сте внатре во тимот и гледате како работат секој ден, сфаќате колку тоа е важно. Не победивме против Јувентус, но покажавме сила и солиден тим. Имаме уникатна душа на тимот, но можеме да бидеме и многу подобри“, вели Спалети.
Последниот трофеј кој Интер го освои е Копа Италија во 2011 година.
Самиот Мурињо пак, му посака многу среќа на Спалети, велејќи дека е „навивач на Интер и на Спалети“.
„Лучано има своја приказна, јас имам своја. Среќен сум за него, но тој има сопствен идентитет, сопствена приказна и сопствен начин на работа. Јас сум само навивач на Интер, кој од далеку, се надева дека сè ќе тргне добро за него“, изјави Мурињо за „Скај Италија“.