Рускиот претседател, Владимир Путин ги обвини американските агенции дека манипулираат со доказите за допингувањето на Олимписките игри во Сочи во 2014 година, поради што Русија беше исфрлена од следната Олимпијада во корејскиот Пјеонгчанг во февруари.
Путин смета дека поранешниот директор на анти-допинг лабораторијата во Москва, Григориј Родченков, кој е под заштита на ФБИ во програмата за заштита на сведоци, е „под контрола“ на американските агенции.
„Тоа што тој е во САД не е позитивно за нас, бидејќи значи дека е под контрола на американските специјални служби. Што прават со него таму? Дали му даваат некои супстанци за да кажува тоа што е потребно?“, вели Путин.
Според него, главната грешка била таа што Родченков не требаше да биде поставен на чело на анти-допинг лабораторија.
„Тоа беше грешка на тие што го поставија, а знам кој го направи тоа“, додаде Путин, без да посочи за кого се работи.
Сведочењето на Родченков беше клучно во одредувањето на суспензијата – тој тврдеше дека добил наредба од рускиот министер за спорт да го надгледува користењето на стероиди и прикривањето на резултатите.
Според Путин, причината за суспензијата е обидот да му наштетат нему лично пред претседателските избори во Русија во март.
„Скандалот е креиран пред домашниот политички календар. Што и да кажуваат, уверен сум дека ова е внимателно испланирано“, додава Путин.