Фудбалерот на Реал Мадрид, Бразилецот Марсело ја отвори душата и раскажа за психичките проблеми што ги имал пред финалето во Лигата на шампионите, во 2018 година против Ливерпул.
„Не можев да дишам, чувствував како да имам нешто во градите. Не беше тоа нервоза, знам што е нервоза. Мислев дека ќе се задушам од притисокот кој беше во мене. Сето тоа се случуваше во соблекувалната, пред да излезам на загревање“ – вели Марсело.
Многу од фудбалерите во последно време откриваат дека во текот на кариерата имаа големи проблеми со анксиозност, со психичка нестабилност. Марсело е еден од нив.
„Се започна една ноќ порано. Не можев да јадам, да спијам. Мислев само на натпреварот. Одамна престанав да ги гризам ноктите, а имав таков обичај, но таа вечер од нив не остана ништо. Ги изгризав до крв. Се обидов да се смирам, но не ми одеше. Првпат во животот почувствував такво нешто. Зборував сам со себе – полека, веќе си играл вакви мечеви, нема притисок, но залудно“ – рекол Марсело.
Вели дека таквата состојба го држела до пред натпреварот.
„Така седев во соблекувалната, се мачев да земам воздух, но морав да тргнам на терен. Одев низ просторијата и си велев: Ако треба да умреш, умри. Меѓутоа, кога стапнав на тревникот и ја добив првата топка, притисокот престана. Бев мирен, среќен, знаев дека на теренот не може ништо да ми се случи“ – вели Бразилецот.