Новото издание на шпанскиот Суперкуп годинава донесе нови промени. За првпат за престижниот трофеј се борат само 4 екипи, а веќе отпадна една – Валенсија. Синоќа Реал Мадрид ја победи Валенсија, па вечерва ќе го чека ривалот за финалето. Во второто полуфинале се среќаваат Барселона и Атлетико Мадрид.
Суперкупот се игра во Џеда, во Саудиска Арабија што не најде баш на одобрување кај шпанската јавност, па ниту кај клубовите оти сред сезона мораа да патуваат илјадници километри.
Фудбалскиот сојуз на Шпанија направи многу мудар договор со Арапите, па на негова основа ќе добие дури 120 милиони евра во наредните 3 години.
Тренерот на Барса, Ернесто Валверде не е задоволен со фактот што вечерашниот меч мора да го играат дури во Џеда.
„Кога ќе повлечете линија, гледате дека фудбалот станал голем бизнис, а во секој бизнис најважен е приходот. Ние сме овде само поради парите. Не сме навикнати на ова, секогаш Суперкупот беше битка за прв трофеј во сезоната, но сега работите се променија“ – рече Валверде.
И Валверде, но и неговиот колега од спротивната страна вечерва, Диего Симеоне се очекува на теренот да ги изведат најдобрите состави, па гледачите на стадионот „Крал Абдул“ најверојатно ќе можат на дело да ги видат Меси, Суарез, Гризман, но и Жоао Феликс, Мората, Јан Облак.
„Јорганџиите“ ќе мора добро да се потрудат ако сакаат да ја прекинат серијата на Барса од 12 меча без пораз.