Top Sport

Дакар: Петерхансел ја освои шестата етaпа, Саинс го зголеми водството

Легендата на Дакар релито, Стефан Петерхансел ја освои шестата етапа на трката во Саудиска Арабија во петокот, додека Шпанецот Карлос Саинс го зголеми водството во генерален пласман на речиси осум минути пред денот на одмор во Ријад.

Двократниот Дакар шампион и легенда на ВРЦ рели трките, Саинс, чиј син (со исто име) се натпреварува во Ф1 со Мекларен, по 477 километри од Хаил до Ријад направи предност од 7:48 пред актуелниот шампион, Катарецот Насер Ал-Атијах по шест дена тркање. Саинс заостана 1:33 од 13-кратниот шампион Петерхансел на денешната етапа, додека Ал-Атијах беше трет. Петерхансел е трет во генерален пласман со 16:20.

„Денеска не беше лесно и одлично е што пристигнав во Ријад како лидер. Делови од етапата беа многу тешки, брзо поминување на дините, многу песок. Навистина ми треба ден одмор“, изјави Саинс.

Двократниот Ф1 шампион, Фернандо Алонсо во Тојота, повторно имаше добра етапа – заврши како шести и сега е 16. во генерален пласман откако загуби два и пол часа на втората етапа.

Во пласман на мотоцикли, Американецот Рики Бребек стигна до нова победа за да го зголеми водството во генерален пласман на речиси 21 минута пред Чилеанецот Пабло Квинтанилја. Во пласман на камиони ќе има нов шампион, откако Русинот Едуард Николаев, кој победи на последните три изданија се откажа со својот КАМАЗ поради технички проблеми. Неговиот сонародник, Андреј Каргинов води пред уште еден Русин, Антон Шибалов со 19 минути предност.

Scroll to Top