Новак Ѓоковиќ смета дека на првиот гренд слем од новата сезона, Австралија опен нема јасен фаворит за титулата и покрај тоа што букмејкерите го сметаат токму него како прв фаворит за осма титула од Мелбурн.
Ѓоковиќ го победи Рафа Надал во неделата за да помогне Србија да го освои АТП купот, а на натпреварувањето ги совлада и Данил Медведев, Кевин Андерсон и Денис Шаповалов. И покрај оваа одлична форма, тој вели дека очекува неговите стари ривали да бидат во најдобра можна форма, а очекува предизвик и од новата генерација.
„Мислам дека оваа година сите гренд слемови ќе бидат многу отворени. Нема јасни фаворити. Секако, тука сме јас, Федерер и Надал поради искуството и рејтингот, но тука се и Медведев, Циципас, Тим… Младите покажаа дека созреале на големата сцена, дека можат да ги предизвикаат најдобрите и да ги победат. Се надевам дека нема да освојат гренд слем оваа година, но ќе видиме“, вели Ѓоковиќ.