Аталанта како да го губи здивот во борбата за топ 4 пласман и Лига на шампиони и следната сезона, откако пред домашните навивачи загуби со 1:2 од СПАЛ иако имаше водство до 54. минута од мечот.
Јосип Иличиќ го донесе тимот од Бергамо до водство во 16. минута од мечот со еден апсолутно неверојатен гол со петица по асистенција на Дуван Запата најавувајќи нова победа за тимот.
Меѓутоа, во второто полувреме ситуацијата целосно се смени. Во 54. минута по еден брз контранапад, Река му асистираше на Андреа Петања, кој израмни на 1:1, а само шест минути подоцна, Матија Валоти со прекрасен продор во шестнаесетникот и прецизен удар ги донесе гостите од Ферара во водство.
Аталанта останува на петтото место на табелата, сега со три поени помалку од Рома, а трите поени за СПАЛ значат напуштање на последното место на табелата – тие се на 18. место со 15 поени, колку што има и Бреша, а Џенова на Горан Пандев сега е на фенерот со 14 поени.