Џенаро Гатузо очекува да види „бестрашен“ Наполи против Барселона во пресметката од осминафиналето на Лигата на шампионите, и во исто време посочува дека е „бесцелно“ да му се игра „фластер“ на Лионел Меси.
Ова ќе биде прв меч на Гатузо како тренер во Лигата на шампионите, и на „Сан Паоло“ го пречекува моќниот тим на Барселона.
„Играме против голем тим. Му благодарам на тимот и на Карло Анчелоти, бидејќи јас не направив ништо да сме тука. Емоциите се тука, но сакам да видам Наполи кој не се плаши, и кој е подготвен да страда. Со Кике Сетиен, Барселона го прави истото што го правеше со години. Со Валверде ја освојуваа топката за 10 секунди, а со Сетиен за тоа им се потребни шест секунди. Ќе дојдат да не нападнат и мораме да сме подготвени. Некаде прочитав дека треба да играме ’фластер’ на Лео Меси, но тоа е бесцелно. Тој не само што е најголемиот според фудбалот, туку и според работите кои ги прави надвор од фудбалот. Тој е совршен пример за децата, никогаш не кажува непристојни работи. Прави работи кои можете да ги видите само на ’Плејстејшн’, работи кои не можете да ги замислите“, вели Гатузо.