Фудбалерите во англиската Премиер лига веќе нема да го имаат традиционалното ракување пред стартот на мечевите како превентивна мерка за борба против ширењето на корона вирусот.
„Фер-плеј ракувањето меѓу фудбалерите и судиите нема да се одвива од овој викенд поради медицински совети. Корона вирусот може да се прошири преку обично ракување“, се вели во објавата на Премиер лигата.
Судиите ќе продолжат со нормалното традиционално излегување пред секој меч и двата тима ќе стојат како и обично, но овојпат само ќе поминат покрај своите ривали пред стартот на мечот без ракување.
Њукасл, Саутемптон, Вест хем и Вулверхемптон веќе забранија ракување на тренинзите на нивните клубови.