Top Sport

Пулев пола од парите од мечот со Џошуа ќе ги даде на бугарските лекари

Предизвикувачот за ИБФ титулата во тешка категорија, Кубрат Пулев потврди дека ќе даде половина од својата заработувачка за мечот со британскиот шампион Ентони Џошуа на медицинските работници кои се борат со „ѓаволскиот“ корона вирус.

38-годишниот Пулев, популарно познат како „Кобра“, ќе заработи околу 5 милиони долари за мечот, кој беше одложен од 20 јуни поради пандемијата, но се очекува да биде организиран во текот на летото на стадионот на Тотенхем во Лондон.

„Ќе донирам 50 отсто од парите кои ќе ги заработам од дуелот со Џошуа на неуморните херои во борбата со корона вирусот. Ќе им дадам на лекарите, сестрите и болниците потребна опрема да се борат со овој ѓаволски вирус“, изјави Пулев за германскиот „Билд ам зонтаг“.

Пулев претходно имаше шанса да ја освои титулата во тешка категорија во 2014, но загуби со нокаут во петтата рунда од Владимир Кличко.

Scroll to Top