Навивачите на Њукасл јунајтед, конечно, имаат причини да бидат оптимистички расположени. Менаџерот Стив Брус наводно ќе добие барем 200 милиони фунти за засилувања во текот на летниот преоден рок (кога и тој да се „отвори“), бидејќи новите саудиски сопственици на клубот сакаат веднаш да има борба за место во Лигата на шампионите.
Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (ПИФ) ќе го преземе клубот од северот на Англија од Мајк Ешли во договор вреден 300 милиони фунти, а новите газди веќе поднеле план до Премиер лигата, чие одобрение на зделката уште се чека, во кое се најавени 200 милиони фунти на подобрување на составот на тимот, јавува „Мирор“.
Ова е само првиот прилив на пари во тригодишниот план објаснет во досие од 350 страници, заедно со нови спонзори и планови за подобрувањето на „Сент Џејмс Парк“, тренинг-центарот, академијата и внатрешното водење на тимот.
Иако се веруваше дека местото на Брус, кој го замени Рафа Бенитез во клубот минатото лето, е несигурно, според овој план тој ќе биде првиот одговорен човек за „обновата“ на Њукасл. За навивачите на Њукасл ова е најдобрата можна вест, откако со години се бореа со претходниот сопственик, Мајк Ешли, кој вложи многу малку откако го купи клубот во 2007 што резултираше во две испаѓања од Премиер лигата.