Германскиот голман Лорис Кариус потврди дека го раскинал договорот за позајмица во турскиот клуб Бешикташ поради неисплатени плати, што значи дека се враќа во Ливерпул, каде што очигледно нема место за него.
Германецот го тужи турскиот суперлигаш за платите кои не му ги исплатиле од октомври 2019 година, и преку Инстаграм тој потврди дека преговара со првите луѓе на клубот за да решат проблемот додавајќи дека му е жал што ги напушта соиграчите и навивачите од Истанбул.
„Штета е што мораше да дојде до ваков крај, но морате да знаете дека се обидов да направам сè да ја решам ситуацијата без проблеми. Бев многу трпелив со месеци и разговарав со луѓето од бордот. За жал тие ги одбија моите предлози и дури понудата да добијам намалена плата. Бешикташ може да биде горд што има такви неверојатни фанови зад себе кои секогаш се зад клубот. Ме поддржувавте во добри и лоши моменти и секогаш ќе се сеќавам на вас“, напиша Кариус.
Претходно, членот на бордот на Бешикташ, Ердал Торуногулари изјави дека Кариус бара „незаслужени плати“, откако имаше 25 настапи оваа сезона со нестабилна форма.
26-годишниот Кариус сега се враќа во Ливерпул, за кои нема играно од финалето на Лигата на шампиони во 2018 година против Реал Мадрид, кога по две негови грешки, Реал Мадрид стигна до 3:1 победа. Тој има договор со Ливерпул до 2022 година, но тешко дека ќе добие место во првиот тим, со Алисон како прв избор, а Адријан и Каомин Келехер како негови замени.