Top Sport

Корона вирусот пристигнал во Европа преку Воените спортски игри во октомври?

Италијанскиот весник „Ла република“ тврди дека корона вирусот во Европа не пристигнал во февруари, туку уште во октомври 2019 година, кога во Вухан се оддржуваа Воените спортски игри.

Првичната теорија е дека вирусот се појави во декември 2019 во кинескиот град Вухан, по што пристигна во Европа во февруари – првиот позитивен тест во Италија беше на 20 февруари. Според италијанскиот натпреварувач во мечување, Матео Таљариол имало премногу болни спортисти на Воените спортски игри, кои се оддржувале во Вухан од 17 до 27 октомври.

„Сите се разболевме, шест од шест во нашиот апартман, а исто така дознавме дека и во другите тимови имаше болни. Лекарите таму ги потрошија сите медицински средства, а мојот пријател Валерио Аспромонте остана во кревет цело време. Јас имав треска и кашлав три недели, а антибиотиците не помогнаа. Потоа се заразија и мојот син и мојата девојка. Не сум лекар, но симптомите беа тие“, вели Таљариол за „Ла република“.

Слично, и францускиот петобоец Еди Клувел за францускиот весник „Лоир7“ откри дека имал слично искуство.

„Мислам дека јас и колегата Валентин Бело имавме корона вирус на Воените игри во Вухан. Се разболевме, јас пропуштив три дена тренинг и се чувствував како никогаш претходно“, вели Клувел.

Сепак, француското Министерство за одбрана, демантираше дека спортистите во Вухан заболеле со КОВИД-19, објаснувајќи дека имало само четири потврдени случаи на маларија.

Седмите Светски воени игри привлекоа речиси 10.000 спортисти од над 100 земји кои се натпреваруваа во 27 спорта, вклучувајќи четири спортисти од Македонија.

Scroll to Top