Шпанскиот клуб Валенсија побара од УЕФА и од италијанските власти да го казнат тренерот на Аталанта, Џанпјеро Гасперини, откако 62-годишниот италијански тренер во неделата изјави дека имал симптоми на корона вирусот пред Аталанта да гостува на Валенсија за вториот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите во март.
Шпанскиот клуб вели дека е изненаден од коментарите на тренерот, обвинувајќи го дека поставил во опасност многу луѓе. Ана Барсело, секретар за здравство на провинцијата на Валенсија исто така се јави на прес-конференција.
„Тој се однесуваше неодговорно. Знаеше дека доаѓа од подрачје на висок ризик и не требаше да патува. Ова покажува дека мечот мораше да се игра без гледачи, како што и беше одлучено“, вели Барсело.
Аталанта ја елиминираше Валенсија во еден од последните мечеви пред стопирањето на европскиот фудбал, откако и првиот меч во Милано беше посочен како„биолошка бомба“ поради 50-те илјади луѓе на стадионот.