Српскиот ракометен интернационалец, леворакиот „бомбардер“ Марко Вујин следната сезона ќе го носи дресот на Вардар 1961. Откако минатата сезона за него беше неуспешна во португалски Спортинг, сега, на залезот на кариерата од него се очекува да ја пополни десната бековска позиција во „црвено-црниот“ табор. На таа позиција изминатите години во Вардар партиципираа тројца феноменални играчи – Криштопанс, Македа и претходно Душебаев.
Србинот за специјализираниот ракометен сајт „Балкан-хендбол“ раскажува што го натерало Португалија да ја замени со Македонија.
„Вардар е голем клуб, актуелен освојувач на Лигата на шампионите. Ме привлече новата приказна на чело со Михајло Михајловски. Голема ракометна енергија се чувствува во Скопје и тоа многу ме потсетува на големите ракометни градови во кои играв, како Кил и Веспрем. Исто така ме привлече и сериозната екипа која ја има Вардар во наредната сезона. Се најдобро имам слушнато за условите за игра, луѓето и градот. Би сакал заедно да имаме успеси достојни за името на клубот“ – рече Вујин.
Освен Вујин, Вардар во наредната сезона ќе биде засилен и со голманот Кантегрел, македонските репрезентативци Филип Талески и Гоце Георгиевски, како и Гаџа, Векиќ и Јагуриновски.