ВБЦ шампионот во тешка категорија, Тајсон Фјури ги раскина своите врски со советникот Даниел Кинахан, тврди промотерот Боб Арум, откако во британските и ирските медиуми се зборуваше за криминалното потекло на парите на Кинахан.
Фјури се заблагодари на Кинахан за успешните преговори за два меча против Ентони Џошуа во 2021 година, по што реагираше дури и владата на Република Ирска, посочувајќи дека Кинахан е баран за голем број на криминални дејствија во неговата татковина. Кинахан одамна живее на Блискиот Исток, каде што ја основаше промотерската куќа „МТК Глобал“. Арум вели дека Фјури веќе не е во пријателски односи со Ирецот.
„Во текот на викендот имав повеќе разговори со Тајсон и одлучивме дека отсега во иднина, само јас, мојата промотерска куќа ’Топ ренк’ и Фјури ќе имаат врска со преговорите за следните мечеви. Зборувавме и со Ден, кого го почитуваме и тој се согласи дека е подобро преговорите да се вршат на ваков начин“, вели Арум за „Телеграф“.
Кинахан е баран со потерница од ирската полиција поради организиран криминал, поточно продажба на дрога и на оружје. Во 2018 година, тој беше обвинет и во Шпанија за нарачано убиство на еден ривал на неговата група. Тој не смее да влезе во САД, каде што е на листата на ФБИ.
Шефот на ирската мафија Даниел Кинахан е најзаслужен за мечот Фјури-Џошуа!