Поранешниот хрватски прволигаш НК Задар, клубот каде што кариерата ја започнаа репрезентативците Лука Модриќ и Даниел Субашиќ, згасна откако не успеа да добие лиценца за настап во хрватската втора лига.
„НК Задар веќе шест месеци има блокирана сметка во износ од 2.7 милиони куни, а градот Задар како главен акционер веќе објави дека нема да го финансира клубот. Ние немаме доволно играчи за натпреварување во 3. хрватска лига“, се вели во соопштението на клубот.
НК Задар беше прволигаш од 2007 до 2015 година, а требаше да влезе во стечај, кој го избегна само бидејќи стечајните постапки се одложени во Хрватска поради кризата со корона вирусот. Сепак, во Задар веќе се зборува за формирање на нов клуб, ХНК Задар, каде што ќе бидат префрлени јуниорските школи, и клубот би можел да продолжи со настап во регионалните лиги.