Евертон ја започна новата сезона во Премиер лигата со две победи во низа, откако на „Гудисон парк“ со 5:2 го декласираше новиот прволигаш Вест Бромвич Албион. Доминик Калверт-Луин постигна хет-трик, но несомнено човек на мечот беше Хамес Родригез, откако постигна гол, имаше асистенција, и испровоцира црвен картон за противникот.
Мечот не започна најдобро за тимот на Карло Анчелоти, откако младиот Грејди Диангана го изненади Џордан Пикфорд за водство на гостите уште во 10-тата минута. Во 31. минута, Калверт-Луин го постигна првиот гол по една мешаница во противничкиот шестнаесетник, со прекрасен удар со петица, за во 45. минута, Хамес да го покаже својот квалитет со фантастичен удар од далечина за 2:1.
Само неколку моменти подоцна, тој успеа да го испровоцира Киеран Гибс да го удри без топка, по што ВБА останаа со играч помалку, за на полувремето црвен картон да добие и тренерот Славен Билиќ по конверзацијата со судијата Мајк Дин.
Само што почна второто полувреме, Матеуш Переира со фантастичен гол од слободен удар израмни на 3:3, пред во 54. минута Мајкл Кин пак да ги донесе „карамелите“ во водство. Во 62. минута, Хамес Родригез прати фантастична топка во шестнаесетникот за Калверт-Луин да го постигне вториот гол во 62. минута, а шоуто беше завршено четири минути подоцна, кога по корнер на Родригез, Калверт-Луин го комплетираше хет-трикот.