Иако овојпат отсуствуваа десетината илјади бучни австриски навивачи со знамиња, факли и ѕвона за крави, радоста на Австриецот Марко Шварц за брилијантната победа на ноќниот слалом на домашен снег во Шладминг не можеше да биде поголема.
На патека на која паѓаше силен снег, Шварц, кој само пред две недели ја освои својата прва слаломска победа во Светскиот куп, од шестото место по првото возење, победи двајца Французи, Ноел Клемен и Алексис Пинтуро за триумф на една од најпрестижните скијачки трки на календарот.
25-годишниот Шварц од 21 декември наваму има пет подиуми во слалом, за да е лидер во дисциплината со 489 поени пред Норвежанецот Себастијан Фос-Солеваг со 358 и австрискиот сонародник Мануел Фелер со 324 поени. Фос-Солеваг ја заврши трката на четвртото место, додека Фелер, кој беше најбрз по првото возење не ја заврши трката.