Легендата на Манчестер јунајтед, Рајан Гигс е обвинет за присилна контрола и напад на својата поранешна девојка, Кејти Гревил по караница во неговиот дом во Манчестер на 3 ноември.
47-годишниот Гигс беше уапсен по инцидентот, а денеска е обвинет за физички напад и за присилна контрола над Гревил од декември 2017 до ноември 2020 година, објави полицијата од Салфорд, Манчестер.
За нападот, Гигс може да добие 6 месеци затвор и казна до 5.000 фунти, но посериозно е обвинението за контрола, за кое може да добие дури 5 години затворска казна. Гигс и Гревил беа заедно од 2017 година, осум месеци по разводот од сопругата Стејси, кога се дозна дека осум години ја мамел со сопругата на неговиот брат, Родри Гигс.
Гигс паузираше три меча од селекторското место во Велс, но потоа се врати на клупата и треба да ги предводи на Европското првенство ова лето.