Ко-сопственикот на Манчестер јунајтед, Џоел Глејзер одговори на отвореното писмо од навивачките групи на клубот, согласувајќи се да ја разгледа опцијата навивачите да бидат делумни сопственици на клубот и најавувајќи инвестиции на „Олд Трафорд“.
Трастот на навивачи на Манчестер јунајтед (МУСТ) му дадоа рок до петок на Глејзер да одговори на нивните барања, поставувајќи четири точки на кои мора да се работи за „интересите на клубот“. Тие бараа нова структура на сопствеништво, вклучувајќи независни директори, дозвола на фановите да гласаат и консултации за големи промени во клубот.
Глејзер одговори со долго писмо во кое се согласува со дел од нивните барања.
„Ги прочитав сите коментари и се познава вашата љубов и страст за клубот. Сакам да отворам јасен канал на консултации меѓу фановите и клубот, а како што кажав и јавно, сакам ова врска да биде посилна. Вашето писмо го улови уникатниот дух на Манчестер јунајтед, создаден со децении триумфи, но и трагедии, кој уште се гледа во сегашниот возбудлив тим на Оле и големиот број на навивачи. Искрено се извинувам за грешките кои беа направени со Европската Суперлига и ја сфаќаме потребата за промени, со консултација со навивачите. Сакам да ве уверам дека моето семејство и јас се грижиме за Манчестер јунајтед и имаме одговорност да работиме за долгорочната иднина на клубот, во исто време грижејќи се за историјата и традицијата. Врвниот приоритет останува натпреварувањето за најголемите трофеи, играње на возбудлив фудбал со тим составен од врвни засилувања и домашен талент. Сфаќаме дека мора да инвестираме на ‘Олд Трафорд’ и во тренинг центарот, и за тоа ќе се консултираме со вас“, пишува Глејзер.