Фудбалскиот клуб Ливерпул деновиве ќе испрати понуда до Лидс јунајтед за напаѓачот Патрик Бамфорд, пишуваат англиските медиуми.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, неколку пати сезонава, во изјавите не криеше дека е воодушевен од најдобриот стрелец на Лидс јунајтед.
„Каков играч е Бамфорд! Се сеќавам дека луѓето збпруваа дека на Лидс им треба вистински голгетер, дека Бамфорд не е доволно добар. Среќен сум што погрешија во проценките. Тој е одличен играч, голем работник на теренот“, рекол Клоп.
Според „Трансфермаркт“, Бамфорд вреди 18 милиони евра. Напаѓачот има договор со Лидс јунајтед до јуни 2022 година, што значи дека овој преоден рок е последна шанса клубот да заработи од неговиот трансфер.
Медиумите тврдат дека Ливерпул за Бамфорд ќе понуди 25 милиони евра.