Антоан Гризман, по ремито со Арсенал во Лондон (1:1), изјавил дека е среќен и задоволен од резултатот и дополнил дека би можел да остане во Мадрид и по завршувањето на сезоната.
Фрацускиот репрезентативец, со својот гол во 82.минута, ја награди херојската борба на Атлетико на „Емирејтс“ стадионот. „Јорганџиите“, во првиот полу-финален меч 80 минути играа со играч помаку, откако Шиме Врсаљко по само 10 минути игра беше исклучен поради два жолти картони.
„Не знам дали ќе продолжам со Атлетико. Разговараме со клубот, ќе видиме што може да направиме“, рекол Гризман за чии услуги најзаинтересирана е Барселона.
По мечот, Гризман не штедел комплименти за голманот Јан Облак, кој со неколку брилијантни интервенции спречи пораз на Атлетико.
„Во овој момент Јан е најдобриот голман во светот. Не затоа што е мој соиграч туку поради тоа што брани неверојатно и освојува важни поени за нас. Натпреварот со Арсенал беше луд, но ние имаме добар резултат пред реваншот. Се надевам дека навивачите ќе направат луда атмосфера и дека ќе не испратат во финалето. Мораме да ја освоиме Лига Европа“, рекол Гризман.
Реваншот помеѓу Атлетико и Арсенал ќе се одигра в четврток, на 3.мај, на „Ванда метрополитано“ во Мадрид.