Мадридски Реал, вечерва ќе дознае кој ќе му биде противник во финалето, во Лигата на шампионите, откако својот полу-финален реванш ќе го одиграат Рома и Ливерпул. По победата од 5:2 во првиот меч, поблиску до завршниот меч во Киев е Ливерпул, меѓутоа во Рим веруваат дека Рома може да направи уште едно чудо.
Рома, против Ливерпул, треба да постигна три гола, а да не прими ниту еден, нешто што играчите на Ди Франческо успеаја во четврт-финалето кога ја елиминираа Барселона.
„Волчицата“ пред натпреварот испрати јасна порака: ако можевме против Барселона, можеме и против Ливерпул. Евентуалниот пласман во финалето преку Ливерпул, ќе биде еден вид на одмазда за најболниот пораз во историјата на Рома. Во 1984 година, во финалето на Купот на европските шампиони, Ливерпул на „Олимпико“ на пенали ја победи Рома.
„Најважно е да бидеме како еден, тимот да функционира како семејство. Останаа уште 90 минути голема борба. Верувам дека можеме да одиме во Киев“, рекол Белгиецот Раџа Наинголан.
Ливерпул оваа сезона нема пораз во Лигата на шампионите, Порто во осмина-финалето падна со вкупни 5-0, потоа Манчестер сити беше елиминиран со вкупни 5-1, а Рома пет гола прими само во првиот меч.
Напаѓачкото трио Мане-Фирмино-Салах делува незапирливо, особено тоа важи за египетскиот репрезентативец кој токму од Рома се пресели во Ливерпул.
„Знаеме дека ништо не е готово. Рома во финишот на првиот меч со два гола покажа дека не смееме да се опуштиме. Дојдовме во Рим да одиграме добар натпревар и да го потврдиме пласманот во финалето“, рекол Мохамед Салах.
Рома ќе игра во најсилниот состав, додека кај Ливерпул ќе недостига само Алекс Оклслејд-Чембрлен кој се повреди на првиот меч и ја заврши сезоната, а веројатно нема да игра ниту на Светското првенство.
Полу-финалниот реванш на „Олимпико“ ќе започне во 20:45 часот.