Играта на Лук Шо на ЕУРО 2020 му донесе пофалби од Роберто Карлос, откако претходно оваа година навивачите на Манчестер јунајтед му најдоа нов прекар на Англичанецот: Шоберто Карлос.
Шо беше еден од најдобрите фудбалери на „трите лава“ досега на турнирот, посебно во нокаут фазата во која има три асистенции во два меча, а во четврт-финалето против Украина беше прогласен за најдобар играч на мечот. Споредбите со Роберто Карлос придонесоа и Бразилецот да даде свој коментар.
„Можете да видите дека е многу мотивиран. Секој нареден мече е многу подобар, а против Украина беше фантастичен. Тој е многу важен дел од англиската репрезентација. Мислам дека може да стигне до врвот. Тој е лев бек на Англија, тоа е доволно да се каже“, изјави Карлос.
Запрашан за споредбата, Бразилецот вели дека фудбалот бил поинаков кога тој бил активен (1992-2006).
„Не сакам споредби, бидејќи се работи за два сосема различни периоди во фудбалот. Јас го имав мојот момент, сега тој го има неговиот. Најголема сличност е тоа што двајцата имавме сила и желба за победа“, вели Карлос.