Кевин Магнусен во Ф1 има репутација на бескомпромисен тркач, но возачот на Хас Ф1 оди понатаму и вели дека е „подготвен да умре“, но нема да го смени својот стил на тркање.
Ова доаѓа откако во неделата на Азербејџанското ГП, Пјер Гасли во Торо Росо го опиша Магнусен како „најопасниот тркач против кого сум се тркал“ по контактот на двајцата возачи. Данецот вели дека нема да се извинува, посебно во конкурентниот „среден“ ред во Ф1.
„Јас се тркам остро. Во ваква ситуација во тим од средината, нема гаранции дека ќе освоите поени. И понекогаш немаш што да загубиш. Можеш да добиеш казна, да загубиш предно крило, но ако си 11-ти, тогаш не губиш ништо. Одиш до крај. Понекогаш треба да бидеш многу агресивен во Формула 1“, вели Магнусен.
Данецот признава дека доколку се наоѓа во тим со кој има „гарантирано“ поени, тогаш би го сменил стилот.
„Кога се бориш за титула, тогаш играш со долгорочен план. Да се борам јас за шампионатот, нема да се тркам вака. Но, не сакам компромиси. Ќе дадам сè од себе. Ќе умрам во болидот. Нема да ме сопрат. Апсолутно. Кога ќе ја ставиш кацигата и се тркаш, тоа е сè што е важно на светот. Го сакам моето семејство и има многу работи во животот во кои уживам, но кога сум во болидот, нема ништо што ми значи повеќе“, вели Магнусен.