Македонскиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди ги започна подготовките за новата сезона во дресот на шпански Леванте. За него ова е последната сезона со клубот од Валенсија, барем според договорот, а сега се појавија информации во италијанските медиуми за можноста тој да ја продолжи кариерата во Серија А.
Македонскиот специјалист за слободни удари се поврзува со трофејниот калчолигаш Милан, а „Калчомеркато“ споменува дека тренерот на „Росонерите“ – Стефано Пиоли сака со Барди да ја пополни празнината во средниот ред што се создаде откако Хакан Чалханоглу потпиша за Интер.
Фудбалската цена на Барди во моментов се проценува на околу 15 милиони евра, а плус за „црвено-црните“ е фактот што малиот шпански клуб е во финансиска криза и најверојатно нема да ризукува идното лето македонскиот ас да си замине без отштета.
Доколку се реализира трансферот, Барди би бил прв Македонец во дресот на Милан, а македонската колонија во Серија А би се зголемила.
Во моментов Пандев, Елмас и Несторовски фудбалскиот „леб“ го заработуваат на Апенините, а има информации дека и Бобан Николов би можел да им се приклучи веќе од следнава сезона.