Горан Иванишевиќ, поранешниот шампион од Вимблдон, а сега тренер на Новак Ѓоковиќ, имаше интересно интервју за хрватскиот „Вечерњи лист“, во која зборуваше за „растот“ на светскиот број 1 и за неизбежната споредба со другите двајца освојувачи на 20 гренд слем титули, Роџер Федерер и Рафаел Надал.
„Новак се појави на врвот на светскиот тенис по Федерер и Надал, кога тие двајца веќе имаа голем број на навивачи. Тогаш дојде еден Балканец и им ги помати сметките. Новак го кажува тоа што го мисли, а тоа на многумина не им се допаѓа. Зборува пет јазици, многу е интелигенте, го интересираат многу работи и има сопствен начин на живот. На некои не им се допаѓа неговата исхрана, му се смеат за медитацијата, но тој верува и тоа му успева. Му се восхитувам. Го гледам наутро еден час како вежба јога на еден чуден начин“, вели Иванишевиќ.
Тој вели дека тоа што српскиот тенисер го искажува своето мислење му носи многу непријатели, но искрено не помага ниту бесот кој го покажа на олимпискиот турнир.
„Денеска не е пожелно да имаш сопствено мислење. Светот би требало да оди кон подобро, но одиме наопаку. Ако во 21. век не можеш да кажеш што мислиш, тоа е катастрофа. Новак не се вклопува во тој западен калап на посложеност на работите. Доаѓа од Балканот, каде што ништо не е посложено и ги покори. Го уби тоа што тие го правеа и стана најдобар на сите времиња, нешто што наскоро и статистички ќе го докаже“, вели Иванишевиќ.